Драги едукатори, родители/старатели и деца,

Радост, смеа и игра се зборови кои нè потсетуваат на детство и за многумина се едни од најубавите спомени од животот. Деновите поминати со забава, насмевки и дружење се бесценети за секое дете. Потсетувајќи се на ова, ЕДУИНО презема важна мисија: да поттикне радост и безброј насмевки во целата држава!

Преку незаборавниот креативен предизвик „ЕДУИНО Игратон“ сакаме да инспирираме цела недела исполнета со дружба, учење и игра под мотото – Учи, играј и радувај се! Во овој игратон може да учествуваат, родители/старатели и деца во домашни услови, деца и воспитувачи од градинките, како и ученици и одделенски наставници од училиштата!

ЕДУИНО ИГРАТОН е предизвик инспириран од желбата да поттикнеме учење преку игра и да ве запознаеме со некои од нашите омилени активности од отворената библиотека со едукативни активности на платформата ЕДУИНО Ран детски развој која е дел од колективниот портал и проект наречен ЕДУИНО. Библиотеката содржи активности наменети за учење и игра, кои се креирани од страна на голем број посветени едукатори ширум државата. Овие игри и активности се креирани од практичното искуство на едукаторите и имаат можност за квалитетна применливост. Тие даваат можност за забавно поминато време во домашни услови, креирање на еден поразличен час во училиште или збогатување на игровните активности во градинките.

Во продолжение, се погриживме да ги наведеме сите потребни информации за учество на овогодинешниот креативен предизвик! Бидете подготвени за истражување на активностите и игрите, креирање креативни изработки и за многу забава!

Секој од вас, длабоко во себе го чува својот игровен споменар. Во него се запишани игрите од вашето детство, игрите со децата или игрите од едукативната практика.

Ве предизвикуваме да го отворите вашиот игровен споменар и во него да ги запишете новите доживувања од активностите на ЕДУИНО Игратонот.

Учествувајте и вие! Разбудете го детето во себе! Прифатете го предизвикот, играјте, забавувајте се и учете заедно со децата. Доживувањата од игрите преточете ги во спомени кои засекогаш ќе останат во вашите срца и ќе предизвикуваат насмевки.

ЕДУИНО Игратон е креативен предизвик за учење и игра преку селектирани активности и игри наменети за деца од 3 до 10-годишна возраст. Преку овој предизвик сакаме да го истакнеме значењето на играта како највисока форма на учење во детството, како во домашни услови, така и во градинките во рамките на воспитните групи и во училиштата од I до V одделение.

Затоа, со ЕДУИНО Игратонот, ве предизвикуваме да се забавувате и учите преку едукативни активности кои се дел од платформата ЕДУИНО РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ.

Одбраните активности за предизвикот не поттикнуваат компетитивност поради тоа што секој процес на изработка од страна на децата и поддршката од возрасните е подеднакво вреднуван. Како дополнителна мотивација, за креираните изработки на предизвикот, ќе има симболични подароци доделени по случаен избор за учесниците (објаснето подолу), а подароците се надеваме дека ќе ве инспирираат да пробате некои од останатите наши активности и ќе ви овозможат да креирате што повеќе изработки!

21.02 – 27.02

7-дневен предизвик во домашни услови и 5-дневен предизвик во градинките и училиштата: формуларот подолу е отворен за поднесување изработки

02.03

Подарок по случаен избор за учесниците

Ова се селектираните активности од кои ќе може да одберете за да учествувате во игратонот.

Едукативните активности се развиени во склоп на функционалноста на платформата ЕДУИНО Ран детски развој, насловена „Активности за учење и игра“. Активностите може да ги најдете во секцијата Активности и игри на платформата или директно на следниов линк (клик овде). За пребарување активност, потребно е насловот – името на активноста да го пребарате во полето за пребарување и да кликнете на зелената стрелка или на Enter.

Ваквите изработки е предвидено да ги споделите преку фотографии од изработката или видеоснимки споделени преку социјалните мрежи и веб-страниците на градинките и училиштата. Повеќе информации за ова се наведени подолу, поделени во секции според категоријата во која учествувате: домашни услови, градинки, училишта.

Согласно тоа што игратонот не е со натпреварувачки карактер, нема да се оценува квалитетот на изработката која што секако ќе биде различна според креативноста. Како што напоменавме, целта е да се учествува и да се креираат убави спомени со учење низ игра, а учесниците за кои ќе следува подарок ќе се избираат по пат на случаен избор!

Напомена:

  • Иако некои активности се наведени со возрасна група на пр. 4 – 8 години, истите може да се реализираат во опсегот 3 – 10 години со поддршка од родител или едукатор.
  • Сите објавени едукативни активности на ЕДУИНО содржински се верификувани од едукатори, сѐ со цел да бидеме сигурни дека сите материјали се со соодветен квалитет. Отворени сме за сугестии за истите да може да се подобрат и ве замолуваме да ни ги испратите на igraton@innovationlab.mk .
  • Активностите за градинка и училиште се одбрани со посебно внимание на вклучување помала група на деца за да може да се креираат индивидуални изработки, сè со цел да биде олеснето запазувањето на КОВИД-19 мерките за безбедност.

Со ЕДУИНО Игратонот сакаме да го поттикнеме социоемоционалниот развој, како еден од домените во раниот детски развој поради тоа што влијае во развојот на сите други домени и холистичкиот пристап кон детето. Социоемоционалниот развој е клучен во однос на воспоставување позитивен однос спрема учењето, а децата што се социјално и емоционално компетентни имаат многу поголем ентузијазам за учење (интерес, задоволство и мотивираност за учење) и полесно учат (покажуваат упорност, флексибилност, способни се да го задржат вниманието, да ги контролираат чувствата и однесувањето).

Но пред сè, со ЕДУИНО Игратонот сакаме да ве инспирираме да изработувате интересни активности и да побудите многу детски насмевки! Главната мотивација на игратонот е креирање заедничка забава и учење низ игра со децата, преку изработка на селектираните ЕДУИНО активности. Со цел да стимулираме повеќе креативни изработки и активности во домот, ви подготвивме пакет од симболични подароци за учесниците кои ќе ги одбереме по пат на случаен избор.

На ЕДУИНО Игратонот ќе има вкупно 26 подароци, доделени по случаен избор врз база на пријавите, поточно:

  • По 1 дневен учесник од сите три категории, извлечени од сите пријави за активноста
    (на пр. предизвик 1 – Топче во кутија)
  • По 3 учесници од сите три категории, извлечени од сите пријави во текот на Игратонот

Избраните учесници од категоријата на домашни услови ќе добијат: креативен сет за изработка на активности со шаблон за цртање, школски сет, самолеплива и колаж хартија, восочни бои, фломастери, пластелин, сет Наука за деца, стикери, торба ЕДУИНО, пенкало, тетратка, Игратон чашка и врамена илустрирана пофалница со слика од вашата изработка.

Избраните учесници од категоријата на градинки и училишта ќе добијат: Истражувачки сет или друштвени игри, караоке звучник со микрофон, календар, комплет енциклопедии и пофалници!

*Најсреќните учесници ќе бидат исконтактирани од организацискиот тим. Подароците ќе бидат доставени преку карго служба на адресата оставена во формуларот подолу.

Игратонот е наменет и структуриран во три категории односно:

Активности во домашни услови

Активности во домашни услови (родител/старател и дете/деца) наменети за деца од 3 до 10-годишна возраст.

Активности во училиште

Активности во училиште (наставник/стручни соработници и ученици) наменети за деца од 6 до 10-годишна возраст.

Активности во градинка

Активности во градинка (воспитувач/стручни соработници и деца) наменети за деца од 3 до 6-годишна возраст.

Контактирајте не

igraton@innovationlab.mk

help@innovationlab.mk - Техничка поддршка